КБ Публикум - Новости

ЈАВЕН ПОВИК ЗА ЗАПИШУВАЊЕ УДЕЛИ ВО КБ ПУБЛИКУМ - ЗЛАТЕН ФОНД

Друштвото за управување со инвестициски фондови КБ Публикум инвест АД Скопје, на 12.3.2021 година го објави јавниот повик за купување на удели во отворениот инвестициски фонд:

  • КБ ПУБЛИКУМ - ЗЛАТЕН ФОНД

Јавниот повик трае два (2) месеци, додека прибирањето на уплати започнува од 12.03.2021 година. Јавниот повик може да заврши и пред истекот на горенаведениот рок во услови кога се прибрани средства во минимален износ од 300.000,00 евра во денарска противвредност, по среден курс на Народна Банка на Република Северна Македонија.

ОПШТИ ПОДАТОЦИ ЗА ФОНДОТ

Проспектот е јавен повик за купување удели во отворениот инвестициски фонд КБ Публикум – Златен фонд (во понатамошниот текст: Фонд), а истиот е одобрени со Решение од Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија (во понатамошниот текст: КХВ) број УП1 08-4 од 04.03.2021 година. Законска рамка за работењето на Фондот е Законот за инвестициски фондови објавен во Службен весник на Република Македонија бр. 12/2009 година со сите измени (во понатамошниот текст: Законот), како и подзаконските акти на КХВ.

Фондот има за цел да обезбеди заштита од девалвација, инфлација или дефлација преку вложување во сопственички хартии од вредност на издавачи во сегментот на производство на инвестициски и индустриски метали или индиректно преку инвестирање во ЕТФ фондови кои имаат слична инвестициска стратегија. Благородните метали и нивната употребна вредност како индустриски стоки имаат способност да ја задржат реалната вредност, односно лесно ги апсорбираат промените во општото ниво на цени и трошоците за производство, и можат да обезбедат заштита на вложувањата посебно во услови на зголемена економска неизвесност. Вложувањето во компании кои произведуваат благородни метали само по себе не подразбира вложување во благородни метали, односно инвестициско злато и/или негови сурогати и ваквите вложувања се во согласност со член 67, став 1, алинеја 13 од Законот. Главен недостаток на директното вложување во акции на производителите е немање перфектна корелација на цената на акцијата на издавачот, од една страна, со берзанските цени на благородните метали, од друга. Предности на директното вложување во компании кои произведуваат благородни метали се избегнување на проблемите со маржите, трошоците на складирање и на безбедносните ризици од физичкото чување на металите. Треба да се има предвид дека производителите се профитни компании кои не шпекулираат на берзите, туку користат деривативи за заштита од пазарните ризици и неповолните ценовни флуктуации на производите што ги продаваат. Истовремено, оваа заштита претставува трошок за компанијата и ја намалува нејзината профитабилност.

ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИ

Во Проспектот на фондот КБ Публикум Златен фонд се изнесени сите клучни информации кои им се потребни на потенцијалните инвеститори за донесување одлука за вложување. Пред донесувањето на одлуката за вложување секој потенцијален инвеститор е должен да ги прочита одредбите од Проспектот и Статутот на фондот со цел да дознае за каков вид вложувања станува збор, како и за ризиците поврзани со нив. Сите информации за Друштвото и за фондот, инвестиционата политика и начинот на инвестирање на средствата, годишни, полугодишни и квартални финансиски извештаи за работењето на фондот, дневна нето вредност на имотот на фондот и вредноста на уделот, цената на издавање и откуп на удели, прекин на откуп и исплата на удели, измени на Статутот и овој Проспект на Фондот, како и сите други релевантни информации се достапни во седиштето на Друштвото (Св. Кирил и Методиј бр. 50, Скопје) или на неговата интернет-страница (www.kbpublikum.com.mk). Исто така, сите информации кои Друштвото ги објавува во електронските и во печатените медиуми, се објавуваат и на неговата интернет-страница.

Друштво за управување со инвестициски фондови
КБ ПУБЛИКУМ ИНВЕСТ АД СКОПЈЕ